Иванов – Сакав помилување заради помирување, а вие донесовте амнестија заради уценување
„Мојата цел беше помирување преку помилување, а вашата цел е обезбедување поддршка за уставните измени преку уценување. Додека јас одлуките за помилувања ги донесов за да спречам хаос во државата, вие, одлуката за амнестија ја носите за да ги озаконите уцените со кои се создава хаосот и се руши правната држава. Моите помилувања не вклучуваа спречување на постапката за конфискација на нелегално стекнат имот и подразбираше прочистување на македонската политичка сцена и промовирање на нови лица во политиката. Вашата амнестија е само уште еден преседан за уцена“, рече претседателот Иванов, осврнувајќи се на неодамна донесениот Закон за амнестија, за кој рече дека го потпишал заради разоткривањето на вистинските цели и намери, а тоа е уцената.
Тој рече дека уништувањето на државата се оправдува со обезбедување на иднина за државата.
„Од таканаречена заробена држава, чувствувам дека станавме и уценета држава. Од надвор нè уценуваат соседите, внатре се уценети многу носители на одлуки. Уцената стана основно средство за остварување на целите“, рече Иванов, порачувајќи дека „без правда нема мир“.
На годишното обраќање на претседателот Иванов во собраниската сала не присуствуваат пратениците на ДУИ.