По протестите против договорот за името, Ципрас закажа митинг против национализмот во Солун
Настанот на грчката владејачка партија, против поделбата и нетолеранцијата го најави генералниот секретар на СИРИЗА, Панос Скурлетис, на прес-конференција во Солун.
Генералниот секретар на СИРИЗА, објаснувајќи зошто се решиле на ваков чекор, вели дека Договорот од Преспа е историска шанса. „Видете кои се оние кои во овој момент, од другата страна, во ПЈРМ, се борат против. Тоа се екстремните националисти. Тогаш нешто не е во ред. Не може овде, како влада, како СИРИЗА да нè обвинуваат за намалена национална свест. Некои да сметаат дека сме предавници, а во исто време, од другата страна, екстремните националисти да веруваат дека содржината на овој договор е предавство на нивните интереси“, рече Скурлетис и додаде дека тие се цврсто фокусирани на содржината на договорот.
Политичкиот настан, на кој ќе говори Ципрас, ќе се одржи следниот петок во вечерните часови во спортска сала во Солун, а Скурлетис најави и други вакви настани и собири.