Нуклеарниот договор од 1987 пред пропаѓање, ЕУ бара САД и Русија да го почитуваат
Путин рече дека САД сакаат да ја искористат Русија како жртвено јагне за пропаѓањето на договорот, обвинувајќи ја за прекршување.
„Каков ќе биде нашиот одговор? Многу едноставен: Ние ќе го направиме истото“, рече Путин, посочувајќи дека и Русија нема да се придржува до договорот ако САД се повлечат.
Шефицата на европската дипломатија Федерика Могерини, пак, ги повика Русија и САД да ја зачуваат Спогодбата потпишана за време на Студената војна.
„Договорот кој го потпишаа Москва и Вашингтон го гарантира мирот и сигурноста на европската територија во изминатите 30 години“, рече таа при доаѓање во седиштето на НАТО во Брисел каде што се одржува состанокот на министрите за надворешни работи на Алијансата.
Американскиот државен секретар Мајк Помпео вчера на состанокот на НАТО во Брисел рече дека Вашингтон ќе се повлече од договорот, ако Русија не го демонтира ракетниот систем Новаторс, кој според САД го прекршува договорот, кој забранува балистички ракети со дострел од 500 до 5500 километри.
Во вчерашната заедничка изјава, министрите за надворешни работи од земјите-членки на НАТО ја повикаа Русија да се придржува до договорот. Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, рече дека иако Москва има последна шанса да се поправи, „мора да почнеме да се подготвуваме за свет без договорот“.