Албанија подготвува закон за амнестија на околу 600 затвореници
Со предлог законот се предвидува да бидат амнестирани сите осудени лица со правосилна одлука до три години затвор, за пресуди изречени до 30 ноември 2018 година, без оглед на времето минато во затвор, како и на лицата на кои од изречената казна им остануваат за отслужување од шест месеци до една година.
Друга категорија која е опфатена со амнестијата се осудените жени и мажи кои на денот на стапувањето во сила на законот наполниле 50 односно 60 години, како и лица кои на денот на извршувањето на кривичното дело биле малолетници, освен осудените за убиство или други тешки кривични дела.
Со амнестијата нема да бидат опфатени осудените лица за убиство, сексуално злоставувања, прекршоци против моралот и достоинството или оние кои извршиле кривични дела врз деца или во семејството, ниту сторителите на дела поврзани со ограничување на слободното изјаснување на избори и за нарушување на демократскиот изборен процес, како ни за лица осудени во отсуство.