Неколку илјади граѓани на протест во северна Митровица
Досегашниот градоначалник на Северна Митровица, Горан Ракиќ, ги информира насобраните дека, освен него, оставки поднеле и градоначалниците на Звечан, Зубин Поток и Лепосавиќ, и прочита Декларација за прекин на комуникацијата и соработката со приштинските власти. Тој за утре најави нов протест.
Насобраните граѓани носат транспаренти „Сакаме мир, а не војна“, „Немаме лекови“, „Стоп за насилството од Приштина“, „Нè тепаат и тероризираат“...
Директорот на клиничко-болничкиот центар во Митровица, Милан Ивановиќ, рече дека болницата е институција на државата Србија и дека тоа и ќе остане.
Во меѓувреме, вработените во Судот во северниот дел на Митровица одлучија да ја прекинат работата во знак на солидарност со жителите на четирите општини со мнозинско српско население во северно Косово. Претседателот на судот Никола Кабашиќ, според медиумите, испратил писмо до шефовите на меѓународните мисии и до неколку амбасади во Косово, со барање да го искористат нивниот авторитет и да повлијаат кај властите во Приштина да ја повлечат одлуката за таксите.