Русија е "далеку поголема закана" за националната безбедност на Велика Британија од исламските терористички групи, Исламска држава , предупреди новиот шеф на британската армија. Во интервјуто за "Дејли телеграф", објавено вчера, генералот Марк Карлтон-Смит изјави дека Велика Британија и нејзините сојузници "не можат да бидат безгрижни за заканата што ја претставува Русија".
Руската амбасада во Лондон денеска одговори на коментарите на Твитер наведувајќи : "Шефот на армијата не се грижи за ИД ? Голема глобална стратешка визија! "
Карлтон-Смит го кажа ова во време на зголемени тензии меѓу Западот и Русија околу повеќе прашања, вклучувајќи ја и агресијата на Москва во Украина, наводното мешање на изборите во САД и Европа, големите меѓународни сајбер-напади и труењето на рускиот двоен шпион и неговата ќерка во Британија.
Москва "започна со систематски напори да ги експлоатира западните ранливости, особено во некои од нетрадиционалните области на сајбер просторот.", рече Карлтон Смит во своето прво интервју откако стана шеф на британскиот Генералштаб во Јуни.