Српскиот претседател Александар Вучиќ денеска изјави дека има информации за движење на „албански трупи“ од две бази кон северот на Косово.
„Можни се две опции. Го земале глисерот на Газиводе со кој се возеше Тачи, па можно е да тргнат во контрола на езерото и така да покажуваат мускули или да го контролираат зелениот појас на северот за да спречат проток на стоки кон српските средини на Косово“, рече Вучиќ на состанокот со претставниците на Србите од Косово.
Тој рече дека ќе продолжи да ја следи ситуацијата и дека Србите треба да знаат дека нема да бидат оставени на милост и немилост.
Вучиќ исто така реагираше и на воведувањето царини од 100 отсто за српските производи на Косово, дека е важно што ЕУ реагирала против тоа и оти се надева дека тоа ќе ја вразуми Приштина, иако не верува дека тоа ќе се случи. Тој рече дека поради тоа Србите од северно Косово остануваат без производи.
„Подготвивме нешто за што дополнително треба да разговараме и што како земја можеме да го направиме, но не мора да ви кажам дека нема да ве оставиме на милост и немилост“, рече Вучиќ.