Во бомбашки напад на Талибанците кој целел конвој на НАТО во близина на авганистанскиот главен град Кабул, убиени се најмалку двајца цивили и ранети се неколку војници на алијансата, соопштија денеска претставници на НАТО и Авганистан.
Вахида Шакар, портпаролка на провинцискиот гувернер во Парван, рече дека нападот се случил на 17 октомври во областа Баграм, која е лоцирана на 40 километри од Кабул, а во неа се наоѓа воена база на САД.
Се уште нема информации колку војници на НАТО се повредени. Портпаролката на НАТО Дебра Ричардсон рече дека војниците се повредени од нападот, но не даде повеќе детали.
Чешкото Министерство за одбрана соопшти дека петмина нивни војници биле повредени во експлозијата, еден од нив сериозно. Војникот бил опериран и неговиот живот веќе не бил во опасност.
На 5 август три чешки војници беа убиени во талибански самоубиствен напад, додека патролираа во источната провинција Парван.