Грчко МНР - Грција ги почитува одлуките на граѓаните на соседната земја
„Резултатот од референдумот во поранешната југословенска Република Македонија, консултативен, а не дел од обврзувачките услови од Договорот од Преспа, е контрадикторен. Големо преовладување за „ЗА“, но без соодветна излезеност. Голем дел од општеството на соседната земја го поддржаа договорот. Но, еден важен дел го гледа со скептицизам. Грција го почитува изборот на граѓаните на поранешната југословенска Република Македонија“, соопштуваат од грчкото МНР.
Додаваат дека според нив, климата на национализам и сомнеж, секојдневните лажни вести и фанатизмот, не дозволувале да се направи трезвена проценка на големите придобивки од договорот и го спречуваат взаемното разбирање меѓу народите.
„За следните чекори потребна е трезвеност од сите страни, независно, за да се обезбеди позитивна динамика на Договорот од Преспа“, додаваат од Министерството за надворешни работи на Грција, во соопштението за резултатите од референдумот.