ВМРО-ДПМНЕ со обвинувања до Заев за уставните измени
„Територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Постојната граница на Република Македонија е неповредлива. Границата на Република Македонија може да се менува само во согласност со Уставот, а врз принципот на доброволност и во согласност со општо прифатените меѓународни норми. Република Македонија нема територијални претензии кон соседните држави“, соопштуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата прашуваат што според договорот кој го потпиша владата на СДСМ треба да се смени во чл.3 кој ја гарантира неотуѓивоста и неделивоста на територијата на Република Македонија? Заев треба, според ВМРО-ДПМНЕ, да одговори и што ќе менува во чл. 49, кој ја обврзува државата да се грижи за малцинството во странство и дали тоа не е откажување од Македонците надвор од Македонија.