Главен осомничен во истрагата спроведена од американските разузнавачки агенции за мистериозното заболување на персонал во Амбасадите во Куба и во Кина е Русија, објави телевизиската мрежа Ен-Би-Си Њуз.
Во истрагата, во која биле вклучени ФБИ, ЦИА и неколку други агенции, се добиени докази од пресретнати комуникации кои, како што објави Ен-Би-Си Њуз цитирајќи три извори и две лица, „укажуваат на вмешаност на Москва“. Сепак, јави телевизиската мрежа, доказите се уште не се толку цврсти за САД јавно да ја обвинат Москва.
Во јули, американски официјални лица соопштија дека вршат истрага за здравствените проблеми на персоналот во американската Амбасада во Куба и не знаат што или кој стои зад мистериозното заболување што почна во 2016 година и погоди 26 Американци. Симптомите беа оштетување на слухот, зуење во ушите, вртоглавица, главоболка и умор, што може да се протолкува и како травматска повреда на мозокот.