Најмалку 19 луѓе се убиени во самоубиствен напад во источната авганистанска провинција Нангахар, соопшти канцеларијата на провинцискиот гувернер.
Дополнително, 23 лица се ранети во бомбашкиот напад на автопатот меѓу градот Џалалабад и главниот граничен премин кон Пакистан, соопшти портпаролот на гувернерот на Нангахар, Алаулах Хогани.
Сохраб Кадери, член на провинцискиот совет, рече дека најмалку 45 убиени и повредени биле однесени во локалните болници, додавајќи дека е можно да се зголеми бројот на жртвите.
Ројтерс цитира официјални претставници кои велат дека најмалку 22 лица се убиени, а АП известува дека бројот на жртвите е повеќе од 20 лица.
Локалните претставници велат дека нападот бил насочен кон собир во знак на протест против командант на локалната полиција, на кои биле собрани стотици луѓе кога напаѓачот го детонирал експлозивот.
Засега никој не презеде одговорност за нападот, кој доаѓа часови откако во школо во Џалалабад беше убиено момче и четири лица беа повредени при две експлозии.
Во Џалалабад активни се Талибанците и екстремистичката група на Исламската држава.