Иранскиот министер за надворешни работи Мохамад Џавад Зариф изјави дека не е планирана средба со американски претставници, вклучително и со државниот секретар Мајк Помпео. Запрашан за можноста за средба на маргините на Генералното собрание на ОН, Зариф за иранската новинска агенција Тасним рече дека „таква средба не е планирана“.
Иранскиот претседател Хасан Рохани го отфрли американскиот повик за разговори без предуслови на 6 август, неколку часа пред Вашингтон да воведе нови санкции, откако претседателот Доналд Трамп одлучи да се повлече од Договорот за нуклеарната програма на Иран од 2015 година.
„Во врска со последната понуда од Трамп, нашиот официјален став беше соопштен и од претседателот и од мене. На американците им недостига чесност“, изјавил Зариф за агенцијата Тасним.
Трамп смета дека нуклеарниот договор со Иран бил ужасен и едностран.