Хелсиншкиот комитет за човекови права, осудувајќи ги синоќешните инциденти, оценува дека „граѓаните кои беа дел од вчерашниот протест пред Собранието извршиле насилни дејствија кон полицајците, а полицијата, пак, прекумерно употребила хемиски средства кон демонстрантите“.
„Согласно Законот за полиција, употребата на средства за присилба мора да биде соодветна и пропорционална, а во дадената ситуација се доведува во прашање, особено што помеѓу граѓаните кои протестираа беа присутни повозрасни лица и деца“, велат од Хелсиншкиот комитет во врска со употребата на хемиски средства.
Комитетот го осудува „говорот на омраза и повикувањето на насилство и ги повикуваат органите на прогонот да спроведат темелна и ефективна истрага за сторените казниви дела“.