Германската Влада го поздравува договорот меѓу Атина и Скопје и апелира политичките сили од двете земји да го поддржат Преспанскиот договор. Според портпаролот на владата Штефан Зајберт, договорот дава повод за доза оптимизам, но загриженост будат насилствата за време на протестите во Скопје против договорот.
Германската Влада ги повикува на смиреност и внимателност сите вклучени, изјави Зајберт, додавајќи оти за владата во Берлин овој договор е важен чекор напред за двете земји.
Договорот може да ги тргне пречките за прекугранична соработка, раст на трговијата и инфраструктурата и да придонесе за регионалната стабилност. Убедени сме дека, ако некои кусогледо инсистираат на националистички позиции, тие му штетат на договорот и на многу луѓе во регионот што сакаат стабилност и економски просперитет. Премиерите на двете држави го направија можен овој важен компромис, што може да стави крај на проблемот кој траеше со децении, рече Зајберт.