Обвинителството со нова снимка за нападот на Села на 27 април
За случувањата на 27 април обвинети се Кире и Цане Ѓорѓиевски, Оливер Ошавковски, Саша Ценков, Николче Димитриевски, Александар Јаневски – Тошта, Андреј Мицов, Никола Војминовски, Коста Делов и Стојан Павловски – Кобра.
На почетокот на рочиштето Судот, на предлог на одбраната го дозволи повторното емитување на две снимки од доказите предложени и веќе еднаш гледани пред Судот, со цел утврдување на дел од случувањата во Собранието на 27 април.
На првата снимка се гледа движењето на обвинетите и сведоците во ходникот пред собранискиот прес центар. На втората снимка, пак, се гледаат скалите од пред влезот во Собранието што водат кон просторот пред прес центарот и се нотира движењето на обвинетите.