Мицкоски: Неприфатливо е зголемувањето на старосната граница за пензионирање
„ Вистината е дека оваа влада не умее да менаџира со парите на граѓаните. Пари има почитувани, потребни се капитални инвестиции и сериозен пристап“, изјави претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, постојната старосна граница за пензионирање е во рамките на просекот на европските земји и целосно одговара на демографските карактеристики. Тој истакнува дека очекуваното траење на животниот век во Република Македонија е за околу 5 години пониско во споредба со развиените земји и оти нема никаква оправданост за зголемување на старосната граница како услов за пензионирање.
"Кон ова треба да се додадат и се уште релативно лошите услови за работа во повеќе сектори од македонската економија, особено кај туридоинтензивните дејности кои придонесуваат за забрзано трошење на работната сила. Секако ваквата мерка ќе значи и помали шанси за вработување на младите луѓе, и помала компетитивност на пазарот“, истакнува Мицкоски.
Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ нема да се согласи со зголемување на старосната граница за пензионирање, зашто , како што рече, тоа е чекор кој е израз на неспособност да се менаџира со јавните финансии и тоа не треба да се прекрши на грбот на работниците.