Претседателот на Врховниот суд Јово Вангеловски на 18 јануари годинава поднел кривична пријава до Основното јавно обвинителство против поранешната претседателка на Одделот за казниви дела во Врховниот суд, судијката Лидија Неделкова. За оваа постапка вчера бил известен и Судскиот совет на Република Македонија.
Од Врховниот суд соопштуваат дека на 17 јануари порталот „Судство“ до Врховниот суд доставил барање за добивање информација за тоа дали во 2016 година Одделот за казниви дела на Врховниот суд донел став, правно мислење или заклучок во врска со легитимирањето на Јавниот обвинител на СЈО во постапките пред судовите.
По извршената проверка Врховниот суд утврдил дека тогашниот претседател на Одделот за казниви дела во Врховниот суд на 25 март 2016 година изготвил писмо со невистинита содржина адресирано до Основниот суд Скопје, во кое е наведено дека Одделот за казниви дела го разгледал барањето и дека дал одговор со кој укажал на потребата Јавниот обвинител на СЈО соодветно да се легитимира по однос на својата надлежност, а поврзано со конкретен кривично правен настан, иако одделот не одлучувал по тоа барање и не се произнел по барањето.