„ЕУ Обсервер“: Ново проширување на Западен Балкан во 2025
„Нашите партнери на Западен балкан имаат историска шанса. Првпат во историјата перспективата на нивното пристапување има временска рамка", пишува во стратешкиот предлог-документ, со појаснување дека рокот се однесува на „најдобрите сценарија“.
Во текстот се наведува дека со силна политичка волја, спроведување на реформите и трајни решенија со соседите, Црна Гора и Србија можат да бидат подготвени за членство до 2025 година. До тогаш Македонија, Босна и Херцеговина, Албанија и Косово „би требало значително да напредуваат на европскиот пат“, како и дека „преговорите за членство би требало да бидат во понапредна фаза“.
Црна Гора и Србија веќе ги започнаа преговорите за членство, Македонија и Албанија тоа го очекуваат во текот на оваа година, додека Босна и Херцеговина чека одобрување за кандидатски статус, откако ќе ги достави одговорите на Прашалникот на Европската комисија. Во документот пишува дека спорот за името меѓу Македонија и Грција би можел да се реши до јуни.
Следниот Самит на ЕУ за Западен Балкан ќе се одржи на 18-ти мај во Софија, односно 15 години после самитот во Солун, кога членките на Унијата прв пат ветија дека регионот ќе го примат во своите редови.