Русија ги напушти мировните преговори со Јапонија поради Украина
Русија одговори на овој начин откако Јапонија дејствуваше со партнерите на Групата 7 за да ја притисне Москва поради нејзините акции во Украина со серија санкции за руските финансиски институции и извозот на чипови.
Јапонија и Русија имаат сложени односи и не потпишаа мировен договор по Втората светска војна поради долготрајниот спор околу четирите острови кои Москва ги презеде во последните денови од конфликтот.
„Руската страна, во сегашните услови, нема намера да ги продолжи разговорите со Јапонија за мировниот договор“, се вели во соопштението на руското Министерство за надворешни работи.
Во него се додава дека ова е „поради неможноста да се разговара за основниот документ за билатералните односи со земја која зазеде отворено непријателска позиција“.
Москва соопшти дека исто така го прекинува безвизниот режим за Јапонците да ги посетуваат спорните острови и дека се повлекува од разговорите за заедничка економска активност таму.
Г7- Путин се стави на погрешната страна на историјата
„Целата одговорност за штетата на нашата билатерална соработка и интересите на самата Јапонија лежи во ... Токио“, соопшти Министерството, обвинувајќи ја Јапонија дека „свесно избрала антируски курс“.
Јапонскиот премиер Фумио Кишида се сретна со индискиот колега Нарендра Моди во саботата во обид да го убеди Њу Делхи да ги осуди руските акции во Украина.
Рускиот претседател Владимир Путин и поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе, кој поднесе оставка во 2020 година, се сретнаа десетици пати во обид да го решат долготрајниот територијален спор.
Островите, во близина на брегот на најсеверниот јапонски остров Хокаидо, се познати како јужни Курили во Русија и Северни територии во Јапонија.