Борел ќе ја посети линијата на фронтот во источна Украина
![Борел ќе ја посети линијата на фронтот во источна Украина](https://gdb.rferl.org/3c8fb78b-2324-4876-be46-385cf74e762d_cx0_cy11_cw0_w800_h450.jpg)
Шефот на европската дипломатија Жозеп Борел од утре до четврток ќе престојува во Украина, а во источна Украина ќе ја посети линијата на фронтот со проруските сепаратисти за да ја изрази поддршката на ЕУ за „територијалниот интегритет“ на земјата, објави денеска Европската комисија.
Во последните неколку недели Западот е загрижен поради трупањето на десетици илјади руски војници на границата со Украина и ја обвинува Москва дека ѝ се заканува на соседната земја со нова инвазија по анексијата на Крим во 2014 година.
Жириновски: да ја бомбардираме Украина на новогодишната ноќ додека „сите се пијани“
Борел и украинскиот министер за надворешни работи прво ќе го посетат истокот на земјата, каде што од 2014 година има конфликт со проруските сепаратисти, а потоа ќе замине во Киев на разговори со украинските претставници, наведува Европската комисија.
Со посетата се истакнува цврстата поддршка на ЕУ за суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина во момент кога земјата се соочува со воено зајакнување и хибридни активности на Русија, се наведува во соопштението.
Разговорите меѓу Русија и САД за Украина треба да се одржат на 9 и 10 јануари во Женева, по што на 12 јануари треба да се одржи состанок Русија – НАТО и на 13 јануари состанок во рамките на ОБСЕ.