Утре вонреден самит на ЕУ за Украина
Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, свика вонреден самит на кој побара од 27-те претседатели и премиери на земјите-членки да разговараат за тоа како ЕУ ќе го заштити меѓународниот поредок заснован на правила, како ќе се однесуваат со Русија која ја сметаат за одговорна за своите постапки и како Брисел и понатаму ќе ја подржува Украина и нејзиниот народ.
Во писмото што го испрати до европските метрополи во кое ги повикува државните лидери, Мишел оцени дека нема место за употребата на сила и принуда за промена на границите во 21от век.
„Агресивните дејствија на Руската Федерација го кршат меѓународното право и територијалниот интегритет и суверенитет на Украина. Тие, исто така, го поткопуваат европскиот безбедносен поредок“, се вели во писмото на високиот функционер на ЕУ, Мишел.
Русија најави силен одговор на американските санкции
Самитот на ЕУ ќе се одржи еден ден откако беа воведени европските санкции против Русија, кои ЕУ ги одобри на 22 февруари, а стапија на сила откако рускиот претседател Владимир Путин ја призна независноста на сепаратистичките региони Доњецк и Луганск во источна Украина и одобри испраќање војници во областа.
Се воведуваат санкции против 351 член на руската Дума и 27 физички и правни лица кои придонеле за загрозување на територијалниот интегритет, суверенитет и независност на Украина, вклучувајќи ги и руските банки кои финансирале руска војска и други операции на тие територии.
Исто така се забранува трговијата меѓу двата отцепени региони и ЕУ, а потоа ја ограничува руската влада да собира капитал на финансиските пазари на ЕУ.