Блинкен ја потврди американската поддршка за Украина
„Тука сум навистина од многу едноставна причина, а тоа е, во името на претседателот Бајден, силно да ја потврдам нашата посветеност спрема партнерството меѓу нашите земји“, му рече Блинкен на украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба, за време на денешната средба.
Еднодневната посета на Бликен има за цел да пренесе силна порака за поддршка на земјата соочена со зголемените тензии со Русија. Блинкен на Твитер на 5 мај напиша дека посетата „ќе биде важна можност да се разговара за продолжената руска агресија и да се потенцира потребата за одржување на темпото и фокусирање на реформите со нашите украински партнери“.
За време на неговата посета, американскиот дипломат се состанува со претседателот Володимир Зеленски, министерот за надворешни работи Дмитро Кулеба, членови на украинскиот парламент и граѓански лидери. Зеленски рече дека сака да чуе силни сигнали од Соединетите Држави, кои ја поддржуваат желбата на Украина да се приклучи кон воениот сојуз на НАТО.