Протест на ССМ пред Владата: Исполнување на барањата или генерален штрајк
Сојузот на синдикати денеска, 17 февруари ја реализираше последната од три блокади пред одредени институции. Пред Владата денеска побараа да предложи измени на Законот за минимална плата со кои ќе се зголеми минималната плата на 600 евра и сите останати плати за 100 евра.
Претседателот на Сојуз на синдикати на Македонија, Слободан Трендафилов, од протестот пред Владата порача дека работниците нема да отстапат од своите барања и дека синдикалната борба ќе продолжи сè додека не се обезбеди достоинствен животен стандард.
Според него, барањата на синдикатот не се политички, туку егзистенцијални и произлегуваат од потребата за фер плати и подобри услови за работа.
„Ако до крајот на февруари не се договорат и не разговараат за зголемување на минималната и на сите останати плати, следува генерален штрајк, со генерален работнички протест во неработно време, на кој ќе бидат повикани сите работници. Ќе обезбедиме превоз, за да нема изговор. Тоа ќе биде во првата половина на март, затоа што март е месецот кога треба да се утврди висината на минималната плата“, изјави Трендафилов.
Овој протест следуваше по неодамнешните протести пред Собранието и стопанските комори, каде што исто така беа повторени барањата на работниците.
Доколку не се исполнат барањата на ССМ, во март ќе се изврши усогласување на минималната плата, кое според пресметките, ќе изнесува од 1500 до 1700 денари што работниците ќе го земат во априлската плата.
ССМ останува на барањата за зголемување на платите со образложение дека растат животните трошоци и вредноста на синдикалната потрошувачка кошничка која во јануари во споредба со декември е зголемена за речиси илјада денари.
Пресметките на ССМ покажуваат дека во јануари вредноста на синдикалната кошничка изнесувала 66.413 денари.