Состанок на кризен штаб во Сарај, погодени 30 домаќинства од поплавите
На вонредна седница вечерва заседаваше кризниот штаб на општина Сарај на кој е утврдена дел од направената штета од поплава. Според досегашните податоци од терен, Центарот за управување со кризи соопшти дека над 30 домаќинства се погодени од поплавите.
Во меѓувреме од Управата за хидрометеоролошки работи соопштија дека податоците од хидролошките станици низ земјава укажуваат на се уште исклучително високи водостои на река Вардар во горниот дел од течението, како и на река Треска каде сè уште има опасност од излевање на реките.
„Поради големите води и брзини на течење на водата во рена Треска можат во опасност да бидат дел од времените мостови по течението на реката,“ предупредува УХМР.
На останатите реки во западните делови каде имаше регистрирано зголемувања, водостоите се во постепено опаѓање кое се очекува да продолжи и до крајот на денот, информираат од Управата за хидрометеоролошки работи.
На истокот од земјата состојбата е мирна и единствено посериозно зголемување на водостојот имаше во крајниот долен дел од сливот на река Струмица како резултат на зголемените притоки во тој дел каде имаше обилни врнежи изминатиов ден.
Од УХМР информираат дека во текот на ноќта и утре изутрина се очекува зголемување на водостојот на река Вардар во средниот дел од течението и предупредуваат на внимателно движење покрај реките и суводолиците низ земјата.