МЗ: Стоп за промоцијата на тутун, приоритет е здравјето на децата
Министерството за здравство соопшти дека новиот предлог-закон за заштита од пушење предвидува целосна забрана за рекламирање, промоции и спонзорства од тутунската индустрија, со цел јавното здравје да се стави пред комерцијалниот интерес.
Според соопштението, забраната ќе важи за сите форми на промоција – во медиумите, на интернет и на социјалните мрежи, како и за настани, наградни игри, попусти и подароци поврзани со тутунски и никотински производи.
Министерот за здравство Азир Алиу во писмена изјава нагласува дека лесната достапност и видливоста на овие производи го зголемуваат бројот на нови корисници, особено меѓу децата и младите. „Заштитата на децата е апсолутен приоритет“, истакнува Алиу, додавајќи дека намалувањето на видливоста е една од најефикасните превентивни мерки.
„Рекламирањето директно влијае врз почнувањето со пушење, особено кај младите. Со овие законски одредби се спречуваат и прикриените форми на промоција. Јавното здравје има предност пред комерцијалниот интерес“, порачува министерот Алиу.
Предлог-законот, како што се вели, предвидува и проширување на забраната за продажба на малолетни лица, која ќе се однесува не само на класичните цигари, туку и на сите други никотински производи.
Дополнително, се воведува забрана за јавно изложување на тутунски и никотински производи на продажни места, како и забрана за нивна продажба во угостителски објекти, спортски и културни објекти и на јавни настани.