Македонските ракометари загубија од Данска на стартот на Европското првенство
Македонската ракометна репрезентација загуби од Данска на стартот на Европското првенство со 36:24.
Данска е еден од тројцата кодомаќини на ова првенство кое се игра и во Норвешка и Шведска. Данските ракометари важат за едни од фаворитите и за освојување на златото.
Ова е второ Европско првенство, по тоа во 2020 година, што се игра во три земји.
Македонската репрезентација заедно со Данска е во групата Б со Португалија и Романија кои се соочија во првиот натпревар од групата одигран денеска (16 јануари) од 18 часот. Португалците беа сигурни против Романците совладувајќи ги со 40:34.
Македонските ракоментари в недела (18 јануари) ќе играат против Португалија, а во вторник (20 јануари) против Романија.
За „црвено-жолтите“ ова е деветто учество на еден европски шампионат. Најдобар пласман Македонците имаа на првенството во 2012 година во Србија, кога го освоија 5. место.
На овој евро-шампионат учествуваат вкупно 24 репрезентации, а финалето треба да се одржи на 1 февруари во данскиот град Хернинг.
Репрезентациите се поделени во шест групи од по четири екипи, по што ќе следат главната рунда, полуфиналето и натпреварите за медали.
Европското првенство е важно бидејќи пласманот на него ќе влијае и на квалификациите за Светското што во 2027 година треба да се организира во Германија.