Дурмиши: Нема причина за мерки за цените на храната
Тој денеска (14 јануари) изјави дека во моментот не гледа причина за некакво ограничување на профитната бруто-маржа или ограничување на цените.
„ Секојдневно ја следиме ситуацијата, во комуникација сме со претставниците од Државниот пазарен инспекторат и ако има потреба, ќе реагираме, но во декеври цените во делот на храната и пијалаците се намалени за 0,4 проценти. Убеден сум дека овој тренд ќе продолжи и оваа година“, изјави Дурмиши.
Тој рече дека лани се направени повеќе од 20 илјади контроли. При тоа, изречени се 2,5 милиона евра глоба за оние трговци што се однесувале девијатно и ги зголемиле цените без економска оправданост.
Дурмиши најави и дека Државниот пазарен инспекторат и Инспекторатот за труд ќе бидат зајакнати со нови инспектори, кои треба да го поминат периодот на обука и кон средината на годината активно да се вклучат на терен.
Министерот смета дека на терен се потребни инспектори што ќе ја вршат контролата над сите трговски друштва со цел да се утврди кој не ги почитува законите.
Како што изјави денеска, во Трудовиот инспекторат во моментот има 80-ина инспектори, а во Пазарниот инспекторат - 120.
„Уште во времето кога овие два инспектората, со измените на законот, го изгубија правото на правен субјект и влегоа во склоп на Министерството за економија и труд, ја известив Владата со барање да имаме повеќе инспектори, особено во Пазарниот инспекторат, бидејќи тие го опфаќаат целиот внатрешен пазар“, додаде Дурмиши.