Македонец меѓу загинатите во пожарот во Кран-Монтана
Еден од 40-те жртви во пожарот во швајцарскиот луксузниот ски-центар Кран-Монтана во југозападна Швајцарија е Македонец. Македонската влада потврди дека е утврден идентитетот на Стивен Ивановски, кој се водеше како исчезнат во пожарот во Кран- Монтана.
Неговото тело е идентификувано врз основа на ДНК анализа.
„Има потврда од Берн, телото е идентификувано. За жал, станува збор за починато лице. Член на семејството потврдило согласно ДНК. Изразуваме длабоко жалење и сочувство“, велат од Владата.
Ивановски се водеше за исчезнат по пожарот во дискотеката во Кран Монтана, а неговото семејство преку социјалните мрежи бараше помош за негово пронаоѓање.
Во пожарот, според швајцарските медиуми, загинаа над 40 луѓе, а над 100 се повредени. Двајцата сопственици и менаџерите на ноќниот клуб во Кран-Монтана, во кој избувна пожар, се осомничени под кривична истрага поради сомнение за сторени кривични дела, вклучително и убиство од небрежност.
Првичните резултати од истрагата за пожарот на новогодишната ноќ укажуваат на тоа дека пената на таванот се запалила поради искри од „прскалки“ кои биле поставени на шишиња со пијалак. Пожарот се проширил за многу кратко време.
Сопствениците на барот, брачниот пар од Франција Жак и Џесика Морети, изјавија за медиумите дека се скршени од трагедијата и дека соработуваат со властите за расветлување на катастрофата.
И Македонија понуди помош за лекување на повредените во пожарот.