Венецуела ги обвини САД за нападите врз Каракас
Венецуелската влада на 3 јануари ги обвини САД за напади врз цивилни и воени цели во земјата, по неколкуте експлозии во главниот град Каракас,јавува германската новинска агенција ДПА.
„Венецуела ја отфрла и осудува пред меѓународната заедница исклучително сериозната воена агресија извршена од сегашната влада на Соединетите Американски Држави против територијата и народот на Венецуела“, соопшти владата предводена од Николас Мадуро.
Венецуелскиот лидер, исто така, прогласи вонредна состојба.
Белата куќа и Пентагон не дадоа коментари за наводните напади.
Серија експлозии го погодија главниот град на Венецуела, Каракас, според претходно објавените извештаи на локалните медиуми. Експлозии се слушнале и во Ла Гваира, северно од главниот град, каде што се наоѓаат аеродромот и пристаништето во Каракас.
Сликите објавени од телевизиската станица NTN24 покажаа експлозии и облаци од чад.
Претседателот на Колумбија, Густаво Петро, рече дека Каракас е нападнат и повика на итен состанок на Организацијата на американските држави и Обединетите нации.
САД ја засилија својата воена кампања во последните месеци против наводниот шверц со дрога поврзан со Венецуела, која е управувана од авторитарниот претседател Николас Мадуро.
Десетици луѓе се убиени досега во напади врз бродови од страна на американската војска.
Во понеделник, претседателот Доналд Трамп потврди воен напад врз венецуелски пристанишен објект, наводно користен за операции за шверц со дрога.
Администрацијата на Трамп го обвини Мадуро дека предводи нарко-картел, но левичарскиот лидер негира каква било вмешаност во трговијата со наркотици, велејќи дека Вашингтон се обидува да го собори од власт затоа што Венецуела има најголеми познати резерви на нафта на Земјата, јавува новинската агенција Франс Прес.