Кога пресудата дава шанса за нов живот
За неколку дена треба да биде отстранета првата, и засега единствена електронска алка, што беше поставена на осуденик од велешко кој добил казна домашен затвор од три месеци.
„Задоволен сум што наместо во затвор казната ја извршувам дома“, вели велешанецот.
Станува збор за 78-годишен маж. Алката му била активирана на 8 октомври кога почнал да ја издржува и казната. Тој е должен деновите и ноќите да ги поминува во неговиот дом, а на свеж воздух може да излегува од 15 до 17 часот, секој ден. Дали ги почитува правилата, преку сигналот што го дава електронската алка, следат вработените во Одделението за електронски надзор во Управата за извршување санкции (УИС).
Казната куќен затвор во случајов ја изрече судот во Велес и таа досега ретко се среќаваше во пресудите на македонските судови. Главната причина беше токму нефункционалноста на електронскиот надзор.
Алките беа набавени уште пред една деценија со помош од Европската Унија, но почнаа да се користат дури од есента 2025. Управата располага со вкупно 400, а во моментов функционални се 100 алки што беа надградени откако неодамна беше склучен договор за надградба и одржување. По потреба, може да се надградат и останатите, велат од Управата за извршување санкции.
Тие може да се користат и во случаите каде би имало условен отпуст или замена на казната затвор со куќен затвор – како на пример кај болни и изнемоштени и осуденици со пониски казни.
Електронскиот надзор е дел од системот за пробација. Оваа служба врши надзор и на спроведувањето на останатите казни кои значат алтернативна мерка наместо одење во затвор. Такви се општокорисната работа, условна осуда со заштитен надзор, условниот отпуст…
Пробацијата е важна за намалување на пренатрупаноста во затворите, за ресоцијализација и реинтеграција на осудените лица. На ниво на државата, постојат вкупно 11 пробациски канцеларии. Додека случајот со 78-годишникот е единствениот со кој може да се пофалат кога е во прашање куќниот затвор, вработените имаат бројни успешни приказни со останатите алтернативни мерки.
„Пиев и го малтретирав семејството, сега сум друга личност“Една од нив, каде осуденик реши да ја сподели својата приказна со Радио Слободна Европа, е исто така од Велес. Маж кој добил условна осуда со заштитен надзор за „загрозување на сигурноста“.
„Пиев алкохол и кога бев пијан ја малтретирав фамилијата. Пробацијата многу ми помогна, го откажав алкохолот и си ја прибрав фамилијата и веќе не ги правам тие глупости. Сега со сопругата живееме под кирија и животот ми тече нормално. Сега сум друга личност и веќе никогаш нема да ја повторам истата грешка“, вели велешанецот, кој сакаше да остане анонимен.
За него, како и во други случаи била изработена посебна програма. Тој морал редовно да се јавува на средби, да оди на лекување за справување со зависноста, да доставува лабораториски анализи за да докаже дека не пие алкохол. Преку невладината ХЕРА посетувал и посебна програма за работа со осуденици за семејно насилство.
Надзорот врз него траел две години, а задолжена за тоа била Мимоза Јовановска од пробациската канцеларија во Велес. Оваа канцеларија во моментов има активни 60-тина пробациски предмети.
„Работата е предизвик. Се прави надзор врз многу лица и посебна сатисфакција и потврда дека успешно работите е кога ќе видите дека кај голем дел од лицата се постигнати позитивни резултати, причините за нивното несоодветно однесување се ставени под контрола и тие успешно се интегрираат во средината и општеството“, вели за РСЕ Јовановска.
Три проценти отповикани мерки со заштитен надзорТаа е дипломиран правник со правосуден испит, а низ 11 канцеларии работат вкупно 29 пробациски службеници – освен правници, има и психолози и социјални работници кои веќе имаат искуство и поминале обуки и со меѓународни експерти преку проекти од ЕУ и амбасадата на САД.
Во случаите каде надзорот е неуспешен, мерката се отповикува, а осуденикот казната ја извршува во затвор.
„Заштитните надзори се спроведуваат со голем успех, показател е тоа што се отповикани само 3% од изречените заштитни надзори. Навистина пробациските службеници максимално се вложуваат да им помогнат на лицата да ги исполнат обврските и да се ресоцијализираат“, вели за РСЕ, Дијана Ѓероска, која е раководителка на одделение за надзор над извршувањето на пробациски работи во УИС.
За да може да се извршуваат обврските, пробациската служба изминатиот период има потпишано соработки со општини, како и со јавни претпријатија за да може да се извршува општокорисна работа во случаите каде таква одлука донел судот.
Вакви примери, како што пишува РСЕ, имаше и во ковид-пандемијата. Еден од случаите беше кога студентка која ги прекршила протоколите за здравствена заштита доби казна општокорисна работа во Зоолошката градина во Скопје, каде раководството било задоволно, па и понудило и вработување. Да помагаат во болниците, како општокорисна работа, во тој период добиле казна и студенти по медицина кои не ја почитувале забраната за групирање.
Унапредување на пробацијатаСепак, и покрај добрите практики, пробацијата во Северна Македонија може и треба да се унапредува, согласни се и Управата за извршување санкции и експертите.
Ирена Здравкова, од невладината организација Македонско здружение на млади правници (МЗМП), оценува дека оваа служба е функционално воспоставена и е во континуиран процес на развој.
Според она што јавно е достапно како информации, посочува таа, има напредок во професионалното усовршување, јакнење на институционалната соработка со судовите, центрите за социјална работа, затворите, невладиниот сектор итн.
„Оваа координирана работа е всушност од суштинско значење за успешна ресоцијализација на осудените лица и за намалување на рецидивизмот“, вели за РСЕ Здравкова.
Кога е во прашање ресоцијализацијата, таа го потенцира и периодот по излегувањето од затвор каде е потребно работа и поддршка за осудениците со оглед, како што вели, „стапката на рецидивизам сè уште е висока“.
„Позитивен чекор претставува донесувањето на СОП за подготовка пред отпуст и пост-пенална поддршка, кои треба да ја подобрат координацијата меѓу институциите и да обезбедат континуитет на поддршката по напуштањето на казнено-поправните установи. Тука мора да се вклучат и општините преку развивање на програми за поддршка на овие лица за нивно работно ангажирање за да повторно се почувствуваат корисни членови на заедницата“, посочува Здравкова.
Дека е потребно унапредување, потенцираат и од Управата за извршување санкции. Оттаму оценуваат дека пробацијата е солидно развиена, но не се применува исто во сите региони од државата.
„Секако дека постои простор истата дополнително да се применува, да се развива и унапредува. Притоа, потребни се промени и во системските закони. Поголема примена на пробацијата ќе ја намали затворската популација, и трошоците за извршување на санкциите, а истовремено ќе придонесе кон успешна ресоцијализација и реинтеграција“, велат од УИС.
Трошоците за еден затвореник, во просек ја чинат државата околу 2.000 денари дневно. Паралелно, проблем во земјата е и пренатрупаноста во затворите, пред сè во „Идризово“, на што изминатите години постојано алармираат и невладиниот сектор, Народниот правобранител и меѓународната заедница.
Пробацијата, кон која се гледа инструмент што може да помогне во решавање на дел од проблемите, наскоро треба да добие нов закон. Нацрт-верзијата е изготвена, а од Управата очекуваат тој да се донесе во наредните неколку месеци.
Првиот закон за пробација беше донесен во 2015 година, а почна да се применува околу три години подоцна. Во ноември 2017, беа отворени и првите пробациски канцеларии. Тие се предвидени да бидат вкупно 15 во цела држава. Четирите кои недостигаат се во градовите – Гостивар, Кочани, Кичево и Струга.
Од воспоставувањето на првите канцеларии, заклучно со ноември 2025, пробациската служба постапувала по вкупно предмети за 3.565 лица.
Во 2024 година, на пример, имало 793 нови пробациски предмети и од нив 331 биле со условна осуда со заштитен надзор, 290 условни отпусти со заштите надзор, 166 предмети за проценки на ризик во тек на судска постапка и шест случаи со општокорисна работа.
2025-та, вработените во оваа служба ја завршија со околу 900 активни пробациски предмети.