Иран погуби најмалку 901 лице во 2024 година, вклучително и 31 жена, од кои некои биле осудени за убиство на нивните сопрузи додека се спротиставиле на силување или други случаи на семејно насилство. Ова е рекорден број во последните девет години и предизвика остри реакции во Обединетите Нации.
Околу 40 од вкупните егзекуции се извршени само во последната недела од декември, соопшти високиот комесар на ОН за човекови права во извештајот објавен на 7 јануари.
„Зголемувањето на бројот на егзекутирани луѓе во Иран во текот на изминатата година е многу загрижувачки“, рече високиот комесар Волкер Турк, додавајќи дека вкупниот број се искачи од 853 во 2023 година.
„Крајно време е Иран да го спречи овој постојано зголемен бран егзекуции“, додаде тој.
ОН соопштија дека повеќето од егзекуциите биле за прекршоци поврзани со дрога, но додаваат дека биле егзекутирани и дисиденти и луѓе поврзани со протестите во 2022 година.
Протестите избувнаа низ Иран во 2022 година, а беа предизвикани од смртта на Махса Амини, млада жена која беше уапсена за наводно кршење на законот за хиџаб, додека беше во полиција. За време на протестите, жените и девојките ги вадеа и ги палеа марамите.
Властите извршија брутално задушување на демонстрантите, стотици луѓе беа убиени, а илјадници ранети.
Во последниот извештај, Тирк го повика Техеран да ги запре сите идни егзекуции.
„Тоа е некомпатибилно со основното право на живот и го зголемува неприфатливиот ризик од егзекуција на невини луѓе. И, да бидам јасен, никогаш не може да се наметне за однесување што е заштитено со меѓународното право за човекови права“, рече Турк.
Портпаролката на ОН Лиз Тросел изјави дека бројот на егзекутирани жени во Иран е највисоката бројка во последните 15 години.
„Поголемиот дел од случаите вклучуваа обвиненија за убиство. Значителен број од жените беа жртви на семејно насилство, детски бракови или принудни бракови“, рече таа.
Тросел за Ројтерс изјави дека една од жените погубени за убиство го убила нејзиниот сопруг за да го спречи да ја силува нејзината ќерка.
Конзервативната исламска држава има долга историја на кршење на правата на граѓаните, особено на жените и девојчињата.
Масуд Пезешкијан, кој многумина го означуваа како реформист, победи на претседателските избори во Иран во јули, ветувајќи дека подобро ќе ги заштити правата на жените и малцинствата, но многу активисти за права и меѓународни набљудувачи остануваат скептични за тоа прашање.