Најмалку 53 лица загинаа, а повеќе од 62 се повредени во силниот земјотрес што на 7 јануари го погоди хималајскиот регион на Тибет во југозападна Кина.
Според кинеските државни медиуми, многу згради се уништени. Уништени се над 1000 куќи, пренесе Би-би-си, наведувајќи дека се уште е рано да се процени конечниот број на жртви.
Според новинската агенција Ксинхуа, земјотрес со јачина од 7,1 степени според Рихтеровата скала го погоди северното подножје на Хималаите во близина на еден од најсветите градови на Тибет на 7 јануари, оштетувајќи ги зградите околу Шигатсе и принудувајќи ги луѓето на улиците во соседните Непал и Индија.
Земјотресот во 9:05 часот по локално време (02:05 часот по средноевропско време), a бил на длабочина од 10 километри, соопшти Кинескиот центар за земјотреси.
Шигатсе е седиште на Панчен Лама, една од најважните фигури на тибетскиот будизам, чиј духовен авторитет е само втор по Далај Лама.
Шест села се на пет километри од епицентарот, соопшти кинеската државна CCTV, без да даде дополнителни детали.
Земјотресот бил почувствуван и во Катманду, главниот град на соседен Непал, како и во делови од Индија.
Тибет, како и целиот југозападен дел на Кина, Непал и северна Индија, често се погодени од земјотреси предизвикани од судирот на индиската и евроазиската тектонска плоча.