Сириската опсерваторија за човекови права со седиште во Велика Британија денеска (5 јануари) објави дека повеќе од 100 борци се убиени во изминатите два дена во северна Сирија, во борби меѓу групите поддржани од Турција и силите на сириските Курди.
Од петокот вечерта, во судирите во неколку села околу градот Манбиџ загинаа 101 лице, вклучително и 85 членови на протурски групи и 16 членови на Сириските демократски сили (СДФ), во кои доминираат Курдите, наведува организацијата која ја следи граѓанската војна во Сирија.
СДФ соопшти дека ги одбила „сите напади на турските платеници кои биле поддржани од турски беспилотни летала и авијација“.
Турското Министерство за одбрана соопшти дека „неутрализирало“ 32 курдски борци во северна Сирија, без да даде дополнителни детали.
Групите поддржани од Турција во северна Сирија продолжија да се борат против СДФ во исто време кога бунтовниците предводени од исламистите започнаа офанзива на 27 ноември со која беше соборен сирискиот претседател Башар ал Асад само 11 дена подоцна.
Протурските групи успеаја да ги освојат Манбиџ и Тал Рифат во северната провинција Алепо, контролирана од Курдите, и покрај напорите предводени од САД да воспостават прекин на огнот во областа Манбиџ.
Борбите продолжуваат оттогаш, со зголемен број жртви.
За време на посетата на Дамаск во петокот, германската министерка за надворешни работи Аналена Баербок рече дека безбедноста на Курдите е „суштинска за мирна Сирија“.
Таа рече дека ова налага „запирање на борбите на северот и интеграција на курдските сили во сириската безбедносна архитектура“.
СДФ контролира големи делови од североисточна Сирија и делови од провинцијата Деир Езор на исток, каде што Курдите воспоставија полуавтономна администрација по повлекувањето на владините сили за време на граѓанската војна што започна во 2011 година.
Групата, која е поддржана од САД, презеде контрола врз дополнителна територија откако ја зазеде од таканаречената Исламска држава.
Анкара ја обвинува главната компонента на СДФ, Единиците за заштита на народот, дека е поврзана со Курдистанската работничка партија (ПКК), која води повеќедецениски бунт во југоисточна Турција и е забранета од Анкара како терористичка организација.
Турската војска редовно изведува напади против курдските борци во Сирија и соседен Ирак, обвинувајќи ги дека се поврзани со ПКК.
Ахмед ал Шара, новиот сириски водач и водач на исламистичката група Хајат Тахрир ал Шам (ХТС), на крајот на декември изјави за телевизијата Ал Арабија дека локалните сили предводени од Курдите треба да се интегрираат во националната армија.
ХТС ја предводеше коалицијата на бунтовнички групи кои го соборија Асад минатиот месец.
Извор: АФП