Меѓупланетарната сонда Паркер Солар успешно го направи најблиското прелетување до Сонцето во историјата и испрати сигнал до Земјата, објави во петокот НАСА.
Леталото помина на само 6,1 милиони километри од површината на Сонцето на 24 декември, летајќи низ надворешната атмосфера на Сонцето, позната како корона, во мисија што треба да им помогне на научниците да дознаат повеќе за ѕвездата најблиску до Земјата.
Патувајќи со брзина до 692.000 км на час, леталото издржа температури до 982 Целзиусови степени, се вели во соопштението на НАСА.
НАСА соопшти дека оперативниот тим во лабораторијата за применета физика Џон Хопкинс во Мериленд добил сигнал од сондата непосредно пред полноќ во четвртокот.
Се очекува леталото да испрати детални телеметриски податоци за неговиот статус на 1 јануари, додаде НАСА.
„Оваа студија одблиску на Сонцето и овозможува на Соларната сонда Паркер да направи мерења кои им помагаат на научниците подобро да разберат како материјалот во овој регион се загрева до милиони степени, од кое потекло е сончевиот ветер и како енергетските честички се забрзуваат до брзини блиску до брзината на светлината“, додава агенцијата.
Соларната сонда Паркер беше лансирана во 2018 година и постепено влегува во сè потесни орбити околу Сонцето, користејќи ја гравитацијата на Венера за време на прелетувањето.