Израелската војска соопшти дека на 26 декември нападнала неколку цели во Јемен поврзани со движењето Хути, еден ден откако јеменските бунтовници поддржани од Иран извршија напад врз Израел.
Израелските напади го погодија меѓународниот аеродром во Сана и три пристаништа под контрола на бунтовниците долж западниот брег.
Телевизијата Ал Масира, која е под контрола на Хутите, соопшти дека во нападот на аеродромот загинале две лица, во нападот на пристаништето едно лице, додека 11 лица се ранети.
Покрај нападот врз воената инфраструктура во јеменските пристаништа Худајда, Салиф и Рас Канатиб, израелската војска соопшти дека ги погодила и електраните Хезијаз и Рас Канатиб.
Хутите постојано истрелуваа беспилотни летала и проектили врз Израел поради, како што велат, солидарноста со Палестинците во Појасот Газа. Покрај нападот во средата, Хутите во саботата извршија и напад со ракети и беспилотни летала, во кој во Тел Авив беа ранети 16 лица. Потоа, израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху рече дека наредил уништување на инфраструктурата на бунтовничката група.
Нетанјаху во петокот по нападот рече дека Израел ќе ја продолжи својата мисија додека не заврши: „Ние сме решени да ја отсечеме оваа терористичка рака на иранската оска“.
Портпаролот на Хутите Мохамед Абдулсалам рече дека нападите, еден ден откако Хутите истрелаа проектил и два беспилотни летала кон Израел, се „ционистичко злосторство против целиот јеменски народ“.