Апелациониот суд ја укина првостепената пресуда за случајот „Беса Транс“ и предметот е вратен на повторно судење.
Од Апелација за МИА, потврдуваат дека има одлука по предметот и дека веќе е вратен во првостепен суд.
„Одлуката е укината, жалбите на обвинетиот како физичко и правно лице се уважени. По жалбите и по службена должност пресудата е укината и предметот е вратен на повторно судење“, информираат од Апелација.
За случајот, кој се однесуваше на продолжено кривично дело „фалсификување на исправа“, Кривичниот суд во март годинава изрече една година и осум месеци казна затвор за сопственикот на „Беса Транс“, Беким Хаџиу, и парична казна од 800 000 денари, како и четиригодишна забрана за вршење на меѓународен превоз на правното лице.
Автобусот на „Беса Транс“, на враќање од Истанбул се запали и изгоре на автопатот Струма во Бугарија на 23 ноември минатата година. Во несреќата загинаа 45 лица, а седуммина преживеаја.
Заклучокот од истрагата на бугарското обвинителство е дека единствена причина за несреќата е човечка грешка на возачот. Бугарскиот тим истражители, исто така, ја отфрли верзијата дека ознаката на патот можеби е причина за трагичната несреќа.