Владата не планира да ја ограничи употребата на ТикТок, но внимателно ја следиме ситуацијата, изјави министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски.
Дваесетина деца беа повредени деца во предизвикот „Супермен“, игра која е тренд во училиштата откако децата ја нашле на ТикТок.
„На таа мрежа нивото на безбедност и заштита е пониско од останатите мрежи и затоа може да се споделуваат видеа што повикуваат на насилство, омраза, булинг... Внимателно следиме и ќе се однесуваме онака како што ќе се однесуваат државите од ЕУ. Гледам дека има некои тенденции во Шведска. Ги следиме внимателно за да не направиме нешто што е чекор во насока спротивна од демократијата, но секако во насока на заштита на младите“, изјави Андоновски.
Тој најави дека ќе се формира Центар за побезбеден интернет за деца, кој ќе биде развиен со поддршка од невладиниот сектор и универзитетите „Св. Кирил и Методиј“ и „Гоце Делчев“.
Предизвикот „Супермен“, ги предизвикува децата да скокнат имитирајќи го истоимениот херој. Врсниците го чекаат со раце и го исфрлаат назад додека тој што скока треба да застане на нозе.
Властите во Северна Македонија, по масакрот во основното училиште „Владислав Рибникар“ во Србија кога ученик уби девет врсници и еден чувар, во јавноста ја отворија темата за ограничувања во користењето на ТикТок и други социјални мрежи.
Поранешниот министер за образование и наука Јетон Шаќири тогаш најавуваше и одржуваше состаноци со институции, како министерствата за информатичко општество и за внатрешни работи, Агенцијата за електронски комуникации итн. Меѓутоа, во јавноста не се излезе со официјални предлог-мерки за некакви ограничувања.