За да не бидам ничиj политички товар решив да се повлечам од јавниот живот, објави Артан Груби, поранешен вицепремиер во македонската влада и член на опозициската Демократската унија за интеграција (ДУИ), три дена откако се најде на црната листа на американскиот Стејт департмент поради вмешаност во значителна корупција.
„Јас пред Бога, семејството и пријателите сум чист како солза, но со намера да придонесам за вистината, која многумина од вас гледам дека веќе ја знаете, а за да не бидам ничив политички товар, решив да се повлечам од јавниот живот и за ова го информирав претседателот Ахмети уште од првиот ден. Ова е тешка одлука, но неопходна за мир на моето семејство и зачувување на мојот личен и политички интегритет, како и за поддршка на континуитетот на работата и посветеноста на нашиот лидер Али Ахмети“, напиша Груби.
Покрај Груби, на црната листа објавена на 9 декември е и апелацискиот судија Енвер Беџети. Стејт департментот ги назначи Груби и Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање(УБК).
Државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски рече дека оформил предмет за обезбедување докази за евентуална кривична одговорност за лицата ставени на црната листа на САД.
Во 2024, покрај Груби и Беџети, на црната листа беа ставени и поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева и градоначалникот на Карпош, Стевчо Јакимовски.
Во 2023 година година, на оваа листа се и градоначалникот на Струга Рамиз Мерко, поранешниот вицепремиер Коча Анѓушев и бизнисменот Орце Камчев, за нивната вмешаност во „корупција од висок профил“.