Четирите прозападни партии во Романија се согласија да формираат парламентарно мнозинство за да ги спречат екстремно десничарските групи да формираат влада, во услови на политички превирања откако Уставниот суд на земјата ги поништи претседателските избори во земјата.
Во пресрет на вториот круг од изборите, кој беше откажан, беа објавени податоци за влијание на Русија, што доведе до поништување на првиот круг од претседателските избори, во кој победи проруски политички аутсајдер.
Четирите партии кои заедно освоија најмногу гласови на парламентарните избори на 1 декември - левичарската Социјалдемократска партија (ПСД), централно-десничарската Национал-либерална партија (ПНЛ), реформистичката Унија за спас на Романија (УСР) и етнички унгарската УДМР, постигнаа договор доцна на 10 декември во Букурешт.
„Денес, проевропските партии ПСД, ПНЛ, УСР и УДМР плус парламентарната група на национални малцинства ја изразуваат својата цврста посветеност да формираат проевропско мнозинство во романскиот парламент, проевропска влада и евентуално да поддржат заеднички проевропски кандидат на претседателските избори“, се вели во заедничката изјава на четирите партии, објавена доцна на 10 декември.
Договорот доаѓа откако четирите партии минатата недела ѝ дадоа поддршка на претседателската кандидатка на УСР Елена Ласкони пред вториот круг закажан за 8 декември. Во вториот круг таа требаше да се соочи со прорускиот независен кандидат Калин Георгеску, кој извојува неочекувана победа во првиот круг на 24 ноември.
Сепак, на 6 декември Уставниот суд на Романија ги поништи резултатите од првиот круг и нареди повторување на претседателските избори. Сето тоа дојде откако Врховниот совет за одбрана на таа земја членка на Европската унија (ЕУ) и НАТО, декласифицираше документи кои наводно докажуваат дека претседателската кандидатура на Џорџеску била поддржана од кампања предводена од неименуван „државен актер“ со помош на социјален медиумска платформа TikTok во сопственост на Кина.