Од 58 држави, во математичка писменост, македонските ученици се на 44 место. Во природни науки се три места подолу, односно на 47 место.
Ова се резултатите од последното меѓународно ТИМСС тестирање (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) што беше спроведено во 2023 година, по петти пат во нашата држава.
Тестирани беа ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик и прв пат електронски, соопшти денеска (4 декември) Министерството за образование и наука (МОН).
Од МОН велат дека и оваа меѓународна компаративна студија покажа дека на нашиот воспитно-образовен систем му се потребни крупни промени за да можат нашите ученици да ги подобрат знаењата.
„Затоа, делуваме во сите сегменти на образованието, почнувајќи од основното, постепено и со консултација со сите засегнати чинители. Најавивме и во се поголем број училишта реализираме продолжен престој во училиште, како можност за повеќе наставни и воннаставни активности, подобро совладување на материјалот, стекнување на нови вештини, развивање на интереси. Го реформираме гимназиското образование, го прошируваме концептот на дуално образование и развиваме нови регионални центри за стручно образование и обука“, велат од ресорното министерство.
TIMSS (Trends International Mathematics and Science Study) е интернационална студија во која се мерат постигањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите кои влијаат на тие постигања.
Во меѓународни рамки, Сингапур го држи првото место и по математичка писменост и по наука.