Новоизбраниот претседател на САД, Доналд Трамп бара итно ослободување на израелските заложници кои се уште се држат во Газа и најави дека ќе платат „ужасна цена“ на Блискиот Исток доколку не бидат ослободени пред неговата инаугурација на 20 јануари 2025 година.
„Оние кои се одговорни ќе бидат погодени посилно од кој било, објави Трамп на „Truth Social“ и додаде порака „Ослободете ги заложниците сега“, напишана со големи букви.
Трамп им се закани со страшна цена на оние кои, како што напиша, извршиле злосторства против човештвото.
Заканата на Трамп е испратена откако израелската влада ја потврди смртта на Омер Неутра, Израелец кој исто така имал американско државјанство.
Трамп вети цврста поддршка за Израел, како и ставање крај на повремените критики на администрацијата на Бајден кон Израел поради војната во Појасот Газа. Соработниците на Трамп рекоа дека се надева дека ќе постигне договор за прекин на огнот и ослободување на заложниците пред тој да се врати на функцијата во јануари.
Од 251 заложник земен во Газа од Хамас (која САД и ЕУ ја прогласија за терористичка организација) се верува дека 97 се уште се на палестинска територија, а 35 се мртви, според израелската војска.
Како одговор на нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, кога, според израелските податоци, беа убиени околу 1200 луѓе, Израел започна разорна офанзива против Хамас и другите радикални палестински движења во Појасот Газа. Во тие напади загинаа повеќе од 44000 луѓе, според здравствените власти во Газа под контрола на Хамас.