На владата на Франција и се заканува пад бидејќи и екстремно десничарските и левичарските партии денеска (2 декември) најавија дека ќе гласаат за недоверба на премиерот Мишел Барние.
Нивниот потег следи откако Барние најави дека ќе се обиде да го протурка буџетот за социјално осигурување низ Долниот дом на парламентот без гласање, бидејќи неговата последна отстапка не беше доволна за да обезбеди поддршка од екстремно десничарската партија Национален собир, пренесува Ројтерс.
Лидерката на Националниот собир, Марин Ле Пен, изјави дека нејзината партија ќе поднесе сопствена иницијатива за гласање недоверба на владата, но и ќе го поддржи секој сличен предлог од други партии.
„На Французите им е доста. Можеби мислеа дека работите ќе бидат подобри со Мишел Барние, но тие се полоши“, рече Ле Пен.
Матилда Пано од левичарската партија Непокорена Франција рече: „По којзнае кој пат, соочени со ова негирање на демократијата, ние ќе гласаме против владата“.
„Живееме во политички хаос поради владата на Мишел Барние и претседателството на Емануел Макрон“, додаде Пано.
Ако сите пратеници на Националниот собир и левицата гласаат за недоверба на Барние, владата нема да опстане. Гласањето би можело да се одржи веќе во среда, на 3 декември, пренесува Ројтерс.
Ниту една француска влада не е соборена на ваков начин од 1962 година.
Битките на Мишел Барние да го протурка буџетот за 2025 година низ длабоко поделениот парламент може да ја втурне Франција во втората политичка криза во последните шест месеци, што ја нагласува нестабилноста што завладеа во земјите-членки на Европската унија.
„Ова е моментот на вистината“, им рече Барние на пратениците, ставајќи ја судбината на неговата влада во нивни раце.
„Французите нема да ни простат што ги ставаме интересите на поединци пред иднината на земјата“, додаде тој.
Од своето формирање во септември, малцинската влада на Мишел Барние зависи од поддршката на Националниот собир.
Предлог-буџетот, со кој владата се обидува да го спречи растечкиот јавен дефицит преку зголемување на даноците и намалување на трошоците во вредност од 60 милијарди евра, би можел да стави крај на таа соработка.
На само неколку недели пред враќањето на Доналд Трамп во Белата куќа, падот на француската влада може да создаде дупка во срцето на Европа, земајќи ја предвид и Германија која е веќе преокупирана со нови избори.