Претседателката на Северна Македонија, Гордана Сиљановска-Давкова денеска (22 ноември) во својот кабинет остварила средба со Радмила Шекеринска откако во вторникот поранешната министерка за одбрана беше избрана за заменик-генерална секретарка на НАТО.
Сиљановска-Давкова преку социјалните мрежи соопшти дека имале пријатна средба и плоден разговор, а назначувањето на Шекеринска, порача, е и државно признание.
„Искрени честитки за престижната функција, којашто е не само лично, туку и државно признание, доказ дека единството и консензусот меѓу носителите на највисоките функции се клучот за успехот и афирмацијата на државата“, напиша Сиљановска-Давкова на социјалните мрежи.
Во соопштение објавено од претседателскиот кабинет, пак, наведоа дека претседателката изразила уверување дека Шекеринска „ќе даде значаен придонес во остварувањето на клучните цели на Алијансата: унапредувањето на колективната безбедност, зајакнувањето на солидарноста меѓу сојузниците и справувањето со современите закани“.
„Со изборот на Радмила Шекеринска на високата функција во НАТО, Алијансата јасно и отворено ја манифестира свеста за важноста на регионот, како и посветеноста кон него“, соопштија од кабинетот на Сиљановска-Давкова.
Претходно, премиерот и лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, изјави дека како Влада ја поддржале кандидатурата на Шекеринска која, инаку, долги години беше функционер до ривалскиот СДСМ.
Веста за изборот на Шекеринска за заменик-генерална секретарка на НАТО ја објавија од Алијансата на 19 ноември.
Дента, таа не доби честитки ниту од премиерот ниту од претседателката. Мицкоски ден потоа изјави дека имале телефонски разговор и и честитал.
Сиљановска-Давкова, исто така, на 20 ноември објави дека разговарале телефонски и ја поканила Шекеринска на средба.
Претседателката, како што може да се забележи на фотографии објавени од функционери на социјалните мрежи, присуствувала и на свечениот прием што го организирала Шекеринска денеска по повод назначувањето на функцијата.
Со нејзиното назначување, поранешната министерка за одбрана на Северна Македонија, стана највисокиот функционер во Алијансата досега што доаѓа од регионот на Западен Балкан, но и од земја надвор од Европската унија.
Пополнувањето на заменичката позиција беше приоритет за генералниот секретар Марк Руте, кој ја презеде оваа функција на 1 октомври, по 14 години како холандски премиер.