Претседателот на Самостојниот синдикат за образование, наука и култура- СОНК, Јаким Неделков пред новата средба попладнево во Министерството за образование и наука изјави дека очекува двете страни да се приближат во ставовите и преговорите позитивно да завршат.
„Оптимизмот постои од двете страни. Секако дека иделано решение не може да се најде, меѓутоа има простор за соодветно решение што ќе ги задоволи двете страни. Останува да видиме со какви резултати ќе излезме денеска. Ни остануваат уште неколку дена, но изгледно е и денеска да има позитивни сигнали за конечно решение“, изјави Неделков.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири претходно денеска изјави дека денеска тема на преговорите ќе бидат колективните договори.
„Конкретна финансиска понуда денеска нема да имаме. Ќе дискутираме за начин за изнаоѓање модел за конечната понуда и кога и како ќе почне да се реализира. Има пресметки од Министерството за финансии и очекувам на почетокот на идната недела и за ова прашање да имаме конечен одговор и конечен договор помеѓу двете страни“, рече Шаќири.
СОНК и МОН на нова преговарачка средба
Барањата на СОНК се зголемување на платите за 18,5 отсто односно нивно усогласување со минималната плата која од март се зголеми на 18.000 денари и дополнително минималната плата да биде основица со која ќе се множат коефициентите на сложеност на работни места. Владата им понуди 12 отсто повисоки плати, што не беше прифатено од членството на СОНК, по што преговорите продолжија.