Од понеделник пратениците се враќаат на работа во Собранието, по завршетокот на летниот одмор. Според најавите на координаторите на пратеничките групи се очекува во понеделник да имаат средба со претседателот на Собранието Талат Џафери за да се утврди работата на парламентот.
Првата недела од следната парламентарна сесија најверојатно ќе мине во знакот на комисиските расправи. По координацијата ќе се знае кога и дали би било свикано продолжение на некоја од собраниските седници. На собраниската веб страна како незавршени стојат осум седници од 2021 година, од кои пет биле закажани од мај до јули.
Има уште месец и половина од локалните избори закажани за 17 октомври. При распишувањето на изборите Џафери рече дека за време на кампањата Собранието нема да заседава за да не се искористи собраниската говорница за партиски предизборни пораки.
Џафери ги распиша локалните избори, за време на кампањата Собранието нема да работи
Нова седница се најавува за средината на септември. Нови материјали пристигнати овој месец до Собранието се неколку предлог закони, како тие за иновациската дејност, за академија за судии и јавни обвинители, за контрола на опојни дроги и психотропни супстанции, лековите, за минерални суровини, закон за исплата на паричен надоместок на жртви од кривични дела со насилство. Треба автентично да се толкува и став од Законот за добивка, од законот за судска служба, да се разгледа извештај на Народна банка и стратегијата за родова еднаквост.