Против поранешниот директор на Тирз и поранешен потпретседател на СДСМ Јован Деспотовски е отворена истражна постапка поради основано сомневање за злоупотреба на службена положба. Според соопштението од Основното скопско обвинителство, до Кривичниот суд е поднесено барање за одземање на пасошот и обврска привремено да се јавува во Судот како мерки на претпазливост.
„Во предметот се уште се преземаат дејствија од страна на Основното јавно обвинителство Скопје и Управата за финансиска полиција. Со цел да не се наштети на постапката, двете институции координирано ќе ја информираат јавноста кога ќе се создадат услови за тоа“, се вели во соопштението од Обвинителството.
Претходно Деспотовски ги демантираше информациите во дел од медиумите дека е приведен поради проневера на два милиони евра.
„Во моментов, ги преземам сите потребни правни чекори за заштита на мојата чест и углед. Навистина очекувам медиумите да ја проверат точноста на информациите пред нивно објавување, со цел да избегнат понатамошно ширење на дезинформации“, се вели во писмената реакција на Деспотовски.
Претходно, во текот на минатиот месец Телма објави дека Финансиската полиција веќе работи на истрага за фирма која имала 5 тендери во ТИРЗ за изработка на инфраструктура во економските зони во Штип и Струмица, а била учесник и добитник на договори за набавка на јаглен за РЕК Битола.
За „зделки“ во ТИРЗ, минатата година обвинуваше и ВМРО-ДПМНЕ. Во октомври минатата година по ваквите обвинувања Деспотовски кој беше и директорт во тоа време, ги демантираше тврдењата на тогашната опозициска ВМРО-ДПМНЕ.