Рускиот суд денеска, 24 декември, го осуди американскиот државјанин Јуџин Спектор на 15 години затвор за „шпионажа“ во период кога на адреса на Москва стигнуваат обвинувања од неколку западни влади дека осудува странци за потоа да ги користи во преговори за размена на затвореници.
За обвиненијата со кои во Русија се соочи поранешниот директор на фармацевтска компанија малку се знае бидејќи судењето беше затворено за јавноста поради наводни доверливи материјали кои биле презентирани во текот на судскиот процес.
Овој случај доаѓа во време на влошување на односите меѓу Москва и Вашингтон, кои се на најниско ниво од крајот на Студената војна.
Москва е обвинета дека ги таргетира американските граѓани со тоа што ги приведува под лажни обвиненија за подоцна да ги користи во преговорите за екстрадиција на Русите кои се осудени за кривични дека во САД и други западни држави.
Најмалку десет американски државјани останаа зад решетки во Русија откако на 1 август беше направена размена на затвореници. Москва се согласи да ослободи 16 лица во замена за осум Руси кои биле осудени и отслужуваа затворски казни во САД и Европа.
„Иако размената на затвореници со право може да се смета за победа на дипломатијата, не треба набрзина да прогласиме дека правдата победи“, изјави по тогашната размена, Јулија Минеева, соработничка на „Чатам Хаус“.
Таа додаде дека „руската страна држела заложници за да ги ослободи своите убијци, шпиони и хакери, додека Западот донел тешка одлука во корист на слободата и животите на невините луѓе, не само на неговите, туку и на руските граѓани“.
За случајот со Спектор, државната руска новинска агенција ТАСС, наведе дека тој е роден во 1972 година во Санкт Петербург и се преселил во САД, каде што станал американски државјанин. Неговото руско име, според агенцијата, е Евгениј Миронович.
Спектор беше претседател на одборот на „Медполимерпром Груп“, фармацевтска компанија позната по својот фокус на развој на лекови за рак.
Тој во 2021 година беше осуден на четири години затвор за наводно примање мито. Во повтореното судење, казната му беше намалена за шест месеци.