Владата нема да презема чекори спротивни на Уставот, туку секогаш ќе работи во насока на позитивните законски норми и Уставот коишто се за нас два клучни столба, истакна премиерот Христијан Мицкоски одговарајќи на новинарско прашање дали ќе донесат закон за рестриктивни мерки за лица кои се наоѓаат на црната листа на САД.
Мицкоски, кој денеска (24 декември) присуствуваше на ставање на камен темелник на спортска сала во Црешево, рече дека законодавството има предвидено сè што е потребно за лицата кои се дел од црната листа на САД.
„Она кое што е констатирано од одлуката на САД, а е содржано во листата на санкции каде што се опфатени овие имиња, тоа е судија од Апелација и поранешен член на владата е практично дел од основаното сомневање на обвинителството. Мислам дека имаме доволно квалитетни процедури во рамките на системот ова да го завршиме. Ние нема да преземаме чекори коишто ќе бидат спротивни на Уставот, затоа што тоа не беше причина зошто не гласаа граѓаните“, нагласи Мицкоски.
Во однос на шпекулациите дека поранешниот вицепремиер Артан Груби, за кој судот одреди 30 дневен притвор можно е да добие политички азил во соседна земја, меѓу кои е наведена Албанија, премиерот појасни дека лицето е на црната листа на САД поради основано сомневање за сторен криминал, а не од политички причини.
„Лицето е на листата на санкции на САД и јасно се наведени причините зошто се наоѓа, поради основано сомневање за сторен криминал. Поради тоа основано сомневање за сторен криминал обвинителството покрена истрага, а судот како што сум информиран изрече мерка за претпазливост, односно притвор во време траење од 30 дена. Така што, тука не станува збор за политички причини, туку очигледно дека има нешто различно од политиката, односно дека постои основано сомневање за сторен криминал. Така што не очекувам дека тоа ќе се случи, но тоа е сепак одлука на тие коишто би влегле во една таква процедура. Јас не би можел тука да додадам или одземам нешто“, истакна Мицкоски.
Груби и поранешниот директор на Лотарија, Перпарим Бајрами, се осомничени како соизвршители на делото проневера во службата, додека уште четири други лица како членови на комисијата за јавни набавки се гонат за злоупотреба на службената положба и овластувања.
И Груби и Бајрами се недостапни за органите на прогонот, а на 18 декември за нив беше распишана меѓународна потерница. На двајцата, ден претходно, судот им одреди мерка притвор од 30 дена.
Истрагата за Груби следуваше откако претходно на 9 декември тој, заедно со неговото семејство и судијата Енвер Беџети завршија на црната листа на САД поради „вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, поранешен директор на Управата за безбедност и контраразузнавање“, кој исто така од претходно е под американски санкции.