Вработени во Јавното претпријатие „Улици и патишта“, денеска протестираат поради неисплатена плата и К-15.
Протестот се одржува пред канцелариите на администрацијата на Град Скопје, а е организиран е од Независниот синдикат во јавното претпријатие, при Конфедерација на синдикални организации на Македонија, КСОМ.
На оградата пред бараките на Град Скопје се поставени транспаренти на кои пишува „Бараме плата и К-15“ и „Сметката да се одблокира“.
Тие упатија порака до градоначалничката Данела Арсовска да се одблокира сметката на претпријатието, како и да добијат К-15.
Од електронската адреса на претпријатието утрово е испратено соопштение до медиумите во кое се вели дека протестот е политички мотивиран, со цел да се прави криза во сите јавни претпријатија на градот.
„Мицкоски пред да почне да прави штета на скопските претпријатија и Градот Скопје би требало да ги информира граѓаните дека вработените во ЈП „Улици и патишта“ имаат земено плата, па оттаму е нејасно зошто Синдикатот протестира. Истовремено треба да ги информира дека за линеарно зголемување на плата и К-15, како барање на Синдикатот, одлука носи Управниот одбор на претпријатието, чии членови се избрани токму од ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението испратено од селекторската адресата на претпријатието.
Ова не е првпат вработените во ова претпријатие да реагираат на нередовната исплата на плати. Велат дека претпријатието има долг од 240 милиони денари кон добавувачите на материјали, но и дека се соочува со недостиг на основни средства за работа.